Выбрать главу

Во пренесувањето на дрвата и општата џагорливост Кејтеновиот син успеа да прикраде едно дрво. Со ова свое недобро дело тој беше мошне задоволен, дури среќен. Проклет да бидам, светеше. Сигурно смислил некаква маѓија, помислив, инаку не верувам дека би се осмелил, осудил на слично нешто. За што друго можеше да му треба тоа дрво ако не за некаква ѓаволштина што му светнала во главата.

— Можел некој да те види, — треперев, можел некој да го види тоа дрво како што го видов јас.

— Не, не, биди си без грижа, малечок, — рече пресреќен, како повторно роден, видов, во очите му беше целото видело од небото, нешто силно, големо имаше во себе, се колнам.

Во домот беше мошне опасно да се фати човек во кражба. Некои одвај чекаа да те видат па бргу — бргу да те поткажат на управата. Предавството цутеше во домот, с`е повеќе и повеќе предавството стануваше примерна карактеристика. Проклет да бидам, предавство карактеристика. Немаше друг збор за сево ова дејност освен гнасотилак. Малите срца ни ги полнеа со гнасотии. Неколку од децата, како Методија Гришкоски, Соколе Ефрутоски, Стојче Иваноски, Мирчески, Ставрески, некојси Каменоски, Огненоски, некоја Слободанка, една се викаше Добрила, потоа Виолета Донеска, — сите тие станаа вистински никаквеци. Потскажувањето им стана дел од животот. За с`е како гладни кучиња душкаа, во с`е и сешто се загледуваа, за с`е имаа свој реферат и право кај татенцето, кај другарката Оливера Срезоска. Често се случуваше некој од тие врази просто да измисли слична игра, да ви постави некоја стапица, да ве фати и така убаво, на самото место, што се вели, да ве предаде. Пишувањето и доставувањето на реферати од ваков карактер особено многу се ценеше, не заборавете, пријателе, — се работеше за живот, за иднината. Од сета администрација ако за нешто се водеше грижа тоа беа карактеристиките и овие реферати. Рефератите ни беа полни со цвеќе, а наоколу никнеа трње. Проклет да бидам, трње. Доставувањето на реферати во секој поглед имаше предност над секоја друга работа. Оној што во тоа беше најагилен, што најмногу се истакнуваше можеше да стане командир на одделение, одговорен на секција, дежурен во кујната, надгледувач, можеше да биде меѓу првите при јадењето (што не беше малку важно), — со еден збор таквите другари во с`е предначеа, беа наградувани, привилегирани. Јас и сега со сигурност не можам да тврдам кој беше тој црвец што толку многу ги подјаде детските срца, — гладот ли, стравот ли, казните ли, секојдневните понижувања, студот ли, можеби оценката за карактеристика, можеби стројот и тој проклет ѕид, а можеби с`е заедно, но од сето тоа едно беше јасно како ден, — потскажувањето, кукавичлакот и злобата почнаа да цутат во домот како ран компир. Секој од секого се вардеше, секој од секого бегаше, се затвораше во себе. Проклет да бидам, се затвораше.

— Ако некој те видел, — го предупредував, — ќе биде страшно. За прикривање, за кражби ја знаеш казната… но тој веќе не ме слушаше, не беше тука, веќе беше отпатуван. Беше попусто да му се говори, видов, немаше збор за неговата преголема среќа…

Сите тие денови, за сите тие лоши, зимски денови, колку да беше времето проклето, сеедно дали дуваше северен, мразен ветар или паѓаше голем, црн снег, јужен, Кејтеновиот син се крадеше од домските простории и сеедно со своето дрво се прикриваше во некоја дупка, во некоја темница. Проклет да бидам, за да може непречено да работи, слободно. Сеедно какво беше времето, сеедно каков беше ветрот и снегот, можеа и илјада бури да зафатат сега — него ништо не можеше да го оддели од неговото дело, тој упорно издржуваше во својата таинствена работа. Иако не знаев што работи, јас знаев дека работи нешто радосно, целото негово суштество беше исполнето со таа блага светлост, се колнам, тој тогаш беше во некој друг свет, незамислив, далеку од домот, далеку од сите тие сплетки и грдости. Очигледно беше на пат кон нешто убаво, магично, единствено. Проклет да бидам, единствено. Треперев за неговото здравје, воопшто за неговиот живот. Проклет да бидам, ако не го видат денеска, ќе го видат утре, задутре, тие се неуморни во тоа, ќе го надушат. А и самиот со секој ден стануваше с`е поневнимателен, с`е позанесен од работата.

— Што работиш, Кејтенов сине? — го прашав еднаш тихо, на увце. Исто така тихо, на увце ми одговори:

— Работам нешто што не се разбира така бргу, — малечко Леме, — нешто што не може да си го замисли твоето умно главче, момче.

Секогаш се враќаше премрзнат во спалната, рацете му беа коткосани, црвени како рак. Но беше среќен, не му студеше, проклет да бидам, тоа што го работеше како да му беше оправдание за сиот студ што го изел. Со ухање си ги затоплуваше, што оти од болка сами му прскаа очите. Тој се смееше, проклет да бидам, се смееше. Што можеше тоа да биде, со часови премислував. Кејтеновата тајна секој ден с`е повеќе ја распалуваше љубопитноста на мојата млада и неопитна душа, што можело толку многу да го излуди? Потоа, секогаш кога ќе си спомнев точно на овие денови, сфатив, има толку многу нешта што брзо не се разбираат, не се даваат со голо око, толку прекрасни нешта скриени се таат во предметите околу нас, чекаат на нас, а ние слепо газиме на нив, ги ништиме тие мали, незабележливи и неповторливи нешта, бездушно ги сакатиме. Но за тоа како и за с`е друго радосно, големо во нашиот живот дури подоцна дознаваме, дури на крајот. Тогаш дури ни се отвораат очите, велиме, о, како сме прелагани, пријателе. Тогаш крај му нема на нашиот очај, предоцна, пријателе. Проклет да бидам, така беше и овој пат.

Најпосле, Кејтеновиот син беше фатен на дело. Сигурно, тоа можеше и да се очекува, очигледно беше неговото отсуство, господе, колку беше тој внесен во својата работа, во тоа дрво, се чинеше немаше ништо повредно за него од тоа дрво. Сигурно некој го видел како се мушка низ дворот, му го пронашол скривалиштето, деноноќно го демнел. Но најчудно беше нешто друго, најчудно беше содржината, податоците за сета таа работа што стоеја во рефератот на Методија Гришкоски. Проклет да бидам, реферат. Тој со неверојатна педантност, до ситници, со денови, со дати, со опис на временските прилики, мошне стилски, уметнички како некој роман, како на тоа да работел целиот живот, го имаше приготвено рефератот за Кејтеновата „злоупотреба“. Се колнам, беше с`е забележано, од првиот ден, од часот кога ги растоваравме дрвјата, нашиот разговор, капутчето, распараниот астар на капутчето, пазувата каде што го криел дрвцето, местото каде што работел, местата каде што ги закопувал делканиците, делканиците како факт, ножето со кое копал по дрвото, с`е, с`е имаше во тој реферат, севозможни глупости. Проклет да бидам, делканици.

— Прекрасно, прекрасен реферат! — се восхитуваше татенцето, другарката Оливера Срезоска само што не се расплака, од с`е, срце, со пламени зборови го пофали другарот Методија Гришкоски. — Тоа е вистински реферат, — рече, — еден ваков реферат би бил чест за многумина наши постари другари. Сто вакви реферати и победата е наша, занесно продолжи татенцето, како во дует да говореа со другарката Оливера Срезоска. — Тоа е успех за целиот наш колектив во секој поглед, — искажа татенцето, а во тој миг Оливера Срезоска даде знак за аплауз. Проклет да бидам, аплауз. Го поздравувавме нашиот истакнат другар Методија Гришоски, Мајмун. Проклети мајмуни, сакав да викнам.

Кутриот Кејтен! Кутриот мој пријател Исак Кејтен, Кејтеновиот син. Тој беше виновникот, тој беше одделен, беше изваден настрана од сите нас во едно ќоше. Ја чекаше својата казна, своето понижување кое со ништо не го заслужи. Попусто сите тие месеци беше толку примерен и вреден.