Выбрать главу

Ѕидот тогаш добиваше уште поголеми димензии. Изгледаше толку високо како да беше соѕидан и против птиците. Некои од децата го мереа со педи, до милиметар. Проклет да бидам, до милиметар. Обично пред стројот, во слободното време, ете, на некое од децата му паднало на ум со педи да го измерува ѕидот. Сигурно во очај, проклет да бидам, тоа немаше никаква смисла. Ѓаволот како да немаше друга работа, одеднаш сето тоа мерење предизвика најразлични несогласици. Ќе ти се уфрли некој во мерењето, ќе те избуни, ќе мораш од почеток. О, боже, не оти беше толку важно, но мораше некаде лошото да се истури. Обично слабиот со уште послабиот од него се фаќа в гуша, проклетство, работата докрај да биде свршена. Колку тоа и да звучи безумно, мерењето и премерувањето совреме ни стана една од најомилените забави. Потоа се доби таква бркотница од бројки што немаше жив човек да се снајде. Излегоа сосема други димензии, според едни имаше една висина, според други — друга, некои трети пак го кажуваа тоа во сонот што мереле; беше неверојатно, ужасно, с`е се претумба. Сепак, секој сам најубаво си знаеше колку изнесува висината на ѕидот. Кога дознаа од управата за какви бесмислици го користиме времето, дека тетратката во рацете само за маска ја држиме, веднаш беше забрането шетањето крај ѕидот, а секој оној што ќе се обидеше повторно да го мери беше најстрого казнуван. Проклет да бидам, најстрого.

Ѕидот најпосле имаше и своја историја, криеше нешто проклето од минатото. Се колнам, го криеше сето неспокојство на оние што пред тоа биле тука затворени. Чинам тоа возбудуваше со посебна сила. Чудните и неразбирливи знаци оставени од „староседелците“, како што ги нарековме лудите, што пред нас биле тука сместени (нив едно печеснаесет, сигурно последните, другите се разбегале веднаш по војната, се вратиле во нормалниот живот), — проклет да бидам, тие знаци раѓаа страв во коските. Тие очигледно не се шегувале, секој час заплашуваа да се појават, да поскокаат од ѕидот, како тука, на него да беа втиснати нивните неспокојни, болни души. Секој час мислиш ќе се вратат проклет да бидам, те гледаат. Нивните сеништа беа присутни, живи. Но најстрашно беше што многу знаци криеја чиста човечка свест, разум. Проклет да бидам, можеше да се сретне и срце, нежен поглед, да ве удри топлина. Можеби сето тоа беше создадено во еден таков светол миг, ете, во тој миг морничаво на ѕидот го потврдиле своето постоење, својот човечки живот, се „овековечиле“, слично на патникот што тргнал на туѓина, тој по патот на илјада места, — на дрво, на камен, на тенеќен патоказ туку гледате го забележува своето име. Проклет да бидам, своето човечко име. Како поинаку да се разберат оние големи, гладни очи. Паметни очи, полни со сјај. Сини. Слични на небото, проклет да бидам, слични на небото. Воопшто с`е што беше правено во боја беше сино. Сината боја доминираше на ѕидот. Господ еден ќе знае како, колку лудите доаѓале до сината боја, но познато беше дека им дејствувала како многу полезен лек. Оние што имале прилика да ги гледаат на дело, како со часови дење — ноќе се бакрачат со бојата, раскажуваат дека во тие часови лудите се однесувале сосема нормално, чевечки. Нашиот ѕвонар, другарот Анески, еден од некогашните членови на оваа куќа, во свои часови мошне живо си спомнуваше за сето тоа и што беше најчудно секогаш сам почнуваше да раскажува, без некој поголем повод ќе рече:

— Луди како луди, ненормални, — велеше, — дај им малку боја и забораваа на с`е, со денови забораваа и за јадење и за спиење. Дај им боја и тие за ништо повеќе не ќе ти додеваат. Стануваат кротки како јагниња, ех, луди!

Имаше часови, по долго набљудување (тоа е можеби темница, помрачување), — кога сите знаци се следаат во една општа слика. Тогаш пред нашите очи зашумуваше цело едно море. Проклет да бидам, море. Гледате на ѕидот бура, бранови што се кренале до небото, раскрилени, изулавени птици, крик, човечки гласови, давеници, пекол. Децата тогаш одред избезумуваа, гледате како поштукнати бегаат, се кријат како глувци насекаде во домот. Чиниш во домот влегол некој лош ветар, удрил по децата, ги прогонува. Проклет да бидам, ништо не можеше да ги вразуми. Преголем беше тој страв, тој чемер. Сепак тоа беше заблуда и не потраа долго, ѕидот, набргу беше бело варосан и насекаде на неговата површина испишавме црвени пароли. Тие во право време на ништо не потсеќаа, беа излишни, големи црвени бубалки. Проклет да бидам, црвени бубалки. Но подоцна сосема се совпаднаа со целокупниот живот во домот.

Не се знаеше веќе колку векови бевме затворени во домската зграда што носеше толку ласкаво име „Светлост“. Но се колнам, тука и човек со најдобар вид за кратко време ќе мораше да се јави на лекар против слепило. Некои, се разбира, и ослепеа, проклет да бидам, тоа беше слепило. Подоцна се покажа дека тоа бил редок вид слепило, такво слепило што не можеше да се лекува со носење очила. А најчудно и во почетокот најнесфаливо дејствуваше фактот што и самата зграда беше претворена во ѕид. Сите прозорци од каде што можеше да се гледа Големата вода беа соѕидани. С`е што гледаше кон таму беше соѕидано. Проклет да бидам, соѕидано. Раскажуваа како сето тоа е направено од чисто благородни побуди. Проклет да бидам, сите луѓе се накитени со благородни побуди, о, ќе умреме од слични нешта! Слепи, без да се видиме. Проклет да бидам, слепи. Искрено, тоа беше цела приказна. Прозорците што беа свртени кон водата биле лоши места, тука навраќале водните духови за да ги будат луѓето. Оттаму се случувало секој ден понекој да скокне. Испитувањата откриле дека сето тоа доаѓа по несвесна постапка, во момент на силна возбуда, потпалена од лажливите гласови на духот. Биле заблудени од водните духови, мислеле дека ќе излетаат. Кутрите, си замислувале дека ќе излетаат. Проклет да бидам, каде ќе излетаат, тоа беа високи прозорци, речиси до таван, и надежта да се остане жив беше никаква. Немаше таков што потоа станал од земјата ако веќе еднаш летнал од прозорецот. А кој не сакаше пак еднаш да летне. Токму така, еднаш да летне. Сеедно каде ќе падне, сеедно од каква височина ќе се тресне и колку ќе му трае животецот. Најпосле, имаше толку часови кога тоа беше толку сеедно, проклет да бидам, толку сеедно. Ризикот беше ист и да се летне и да се остане.

Ѕидот беше насекаде наоколу, ѕидот беше над с`е во домот. Проклет да бидам, ѕидот.

Само далеку некаде имаше една слободна, една голема вода што не можеше да се загради со никаков ѕид.

— На му го на за тоа, — рече Кејтеновиот син едно утро и почна од срце, весело, среќно да се смее. Проклет да бидам, тогаш првпат тоа се случи, ни се јави. Се колнам, нејзе ѕидот не `и можеше ништо, таа шумеше, слушавме, доаѓаше. Проклет да бидам, доаѓаше преку ѕидот.

Никогаш не се изгубува сликата на Големата вода. Со неа копнежливата желба за Сентерлевиот рид како да добиваше реална смисла, како да беше возможен, остварлив на некој начнн овој чудесен, волшебен сон. Големата вода е недофатлива таа мора да е во срцето на човекот. Во неговиот сон. Проклет да бидам, за цело време додека бевме во домот јас и не си спомнувам дека некогаш нешто друго сум барал од животот. Како нешто најмило, како ликот на мојата мајка најдлабоко ја држев во моето срце. За тоа дури и со Кејтеневиот син не зборував, за тоа со никого не се зборува, чинев. Тоа беше магија. Сон. За ништо на светот не би ја заменил таа голема, слободна вода. Проклет да бидам, за ништо не би ја дал, иако таа беше единствениот мој и Кејтенов виновник за тогашните и сите подоцнешни страдања. И радости, не заборавете. Човек што поминал еден таков мачен, понижувачки пат мора да ја знае вистинската цена на тоа бедно малечко мускулче. Се колнам само нашата љубов на илјади атоми разбиена, поделена со другите, тоа што си им го дал на другите само тоа е твое, во тоа е смислата. Ајдете, тогаш, нашата крв да им ја подариме на оние што се наши браќа, наша вечна потврда. О, да побрзаме. Лудиот ѕвонар бие на своето камбанче, прекинат е секаков сон. Улаво, слепо трчање по тесни, темни скали, — сите во строј, сите во строј!