Выбрать главу

Татенцето беше вистински ѓавол. С`е уште одеше во војничка униформа, со титовка и црвена петокрака. Го викаа стариот партизан. Боже, каков беше силен, горд во тоа време! Ќе сакате ли и натаму да ви го опишувам? Прекрасно, мислам на една работа повеќе да обратите внимание ако случајно некогаш се чешнете со нашето татенце, другарот Аритон Јаковлески. Понекогаш се правеше прислеп, одеше како ќорав иако гледаше како сокол. Не се случи ниеднаш да замавне напразно. Татенцето беше редок во тој поглед, мислеше со рацете. И со десната и со левата, но тој можеше да биде и помисловен, не еднаш се случуваше со двете одеднаш да проработи. Се разбира, тоа при особени случаи, кога беше расположен за шеги. Со еден збор, татенцето беше од оној вид многу полезни граѓани кои во себе немаат ништо негативно. Ќе ја зборуваме ли вистината, татенцето личеше на оние луѓе кои еднаш засекогаш си ставиле точка на својот живот како на некоја обична работа и ела да им ја избришеш таа филозофија од нивните глави. Ќе го одвикнеш ли пијаницата — и тој е готов, се свиткува. Слична работа беше и со Аритон Јаковлески. Ќе отстапи ли, да не даде господ, од своите позитивни стремежи (така љубеше да се изразува), — и тој веќе не беше здрав. Сета сила како да му се наоѓаше во сите тие глупави задачи. Проклет да бидам, задачи. Од ден на ден, како што ги губеше нив, ја губеше и силата. Но такво нешто, барем во почетокот, не си дозволи другарот Аритон Јаковлески. Тој си ја знаеше работата, совршено добро газеше по својот пат. Имаше цврст чекор, војнички. (Проклет да бидам, војната човека го менува во с`е, во с`е.) И сега како да го гледам, еве, срцето длабоко го чувствува, о боже, како с`е уште да сум во домот. Проклет да бидам, јас го гледам него, го помнам секое негово движење. Ќе си ги стави рацете одзади, можеби тоа беа часови на размислување, ќе ја фрли главата колку може повисоко (ретко некогаш се веднеше кон земјата), — и туку кружи наоколу во дворот како орел што слетал ниско, над земја демнејќи го својот плен. Речиси во с`е беше едноставен, а кога ќе запееше некоја борбена песна, тогаш стануваше чудесен. С`е како под команда занемуваше во дворот. Проклет да бидам, песна.

Утрото измачено и болно висеше слично на откинатата половина на домското дрво. Утрото се прпелкаше во острите срчи на ѕидот. Што стана со пролетта, со сонцето, со небото, со птиците, што се случи со преселувањето на предметите, со дождовите, што се случи со Големата вода? Сите деца стоеја како кипови. Замрзнати. Се чинеше нешто лошо се случило во домот. Никој не знаеше кое е тоа утро, проклет да бидам, навистина што се случило со Големата вода. Никој не погледна во нас, не се обѕираа. Татенцето направи уште стотина кругови околу дрвото, с`е така терајќи си ја песничката, кога најпосле и тој самиот занеме како камен. О, колку беше тихо, глуво. Вдлабочено почна да гледа од дете на дете, како да бараше крадец. Секое дете од ред го одмеруваше, како да велеше: — Глувци едни, глувци ниедни бандити, повелете погледнете во овие неранимајковци (се задржа крај мене и Кејтен), погледнете и запомнете, научете што е тоа ред, дисциплина. На ваши години живи Германци заробувавме, само слушајте, чесен збор, живи фашисти, запомнете, или ќе бидете луѓе достојни на вашите татковци (нашите татковци веќе ги немаше), — или подобро и вас да ве нема, проклет да бидам и нека н`е нема. Потоа, очигледно не завршувајќи ја смотрата, неочекувано брзо се сврти кон нас и — не давајќи ни барем да зинеме — како со магнет ни ги зеде главите, се разбира мојата и Кејтеновата, и колку што можеше посилно ги тресна една од друга. Кутрите глави како светнаа! Стариот, се виде, во таа работа имаше извежбано с`е до поединости. Глава од глава. Свртувајќи се кон Кејтеновиот син, му рече:

— Кој си ти, ѓаволе? — и, не чекајќи одговор, му свирна една преку уши. Мислеше со десната рака. — Кој? — повтори божем не чул и истовремено му ја залепи левата. Татенцето удираше толку духовито што мораше секого и секогаш да го изненади. Проклет да бидам, удираше како гром од ведро небо.

Кејтеновиот син Исак Кејтен, како ништо да не се случило, како воопшто да не добил две жестоки шлаканици, сосема мирно му одговори на татенцето:

— Јас сум Кејтеновиот син, — рече, — Исак Кејтен.

— Кејтеновиот син, — повтори татенцето многу заинтересирано и прописно му приши трета. — Присети се уште, — му рече, — да не си заборавил нешто, Кејтенов сине, проклет да бидам, рече, да не си заборавил како се викаш. — Така рече татенцето и полека, божем пребројува стари прачки за фишеци, се сврти кон мене. Ох, семоќниот, другарот Аритон Јаковлески, се изгубив во неговата сенка. Цел еден век како врази се меркавме, татенцето беше љубител на малечка предигра. Татенцето одгоре ме мерка, ми намига, јас од земја му праќам исто така понекој пламенен поглед, мислам ќе се сожали. Ме гледа и како со умилен глас да ми вели: — Убаво ли е, сине, ми ти се допаѓа ли домчево, кажи што не ми ти достига, татенцето с`е ќе стори за моето соколче, — чинам така ми вели татенцето и јас се поблиску приоѓам кон него, божем ќе му се фрлам во прегратките, ќе го гушнам како роден татко, а тоа од страв му се доближувам да не ме запне од подалеку, да не ми го скине главчето, та без главче да останам. Проклет да бидам, стравот на што не ќе го натера човека. — Добро си е домчево, татенце, природно е, — му одговарам во мислите.

— А кој си ти, врагу? — се пресече треснувајќи ме по нос. Не видов кога протегнал рака.

— Лем, — му реков, — оставајќи крвта да ми тече под брадата надолу, низ вратот во градите. — Лем се викам, — реков, внук на Иле Костадиноски.

Оставив крвта господски да ми тече. Проклет да бидам кога го спомнав името на вујко ми Иле Костадиноски, јас мислев оти сум рекол голема работа, с`е! Крвта малку ме поразлади, целото тело ми гореше. Со радост си спомнав за вујко Иле, се колнам, мислев, ех, каков вујко имам јас, добриот вујко Иле Костадиноски.

Татенцето сигурно не очекуваше ваков одговор, колку отпосле разбравме лудост бил секаков одговор, татенцето не претпочиташе неговите потчинети да имаат свој одговор. Проклет да бидам, никаков одговор. Не давајќи ми веќе да зинам, колку што можеше посилно со своето тешко касапско рачиште ме кутна наземи, во новата прав на пролетта што како пламен никнеше од земјата. Потоа повторно се врати кај Кејтеновиот син.

— Знае ли некој за овој предавник? — татенцето ги праша другите деца.

Се разбира, никој ништо не изусти. Никој не крена глава. Кејтеновиот син стоеше сам, далечен, како некој бран, токму така како некој откинат бран, некој бран пустиник, како некој слободен и непокорлив бран стоеше среде домската пустош. Јас пак ја гледав Големата вода, го слушав нејзиниот глас, летав над нејзиното огромно пространство. Нестварни беа слабите гласови на децата, тие го молеа Кејтеновиот син да падне.

— Будала, — му довикнуваа некои од постарите домци, — будала, падни! Додека не те види наземи нема да те остави, може да те убие.

Кејтеновиот син не слушаше, тој веќе беше на еден од своите далечни патишта, неговите тенки усти заиграа како штотуку првната пеперутка, чиниш пеперутка му застанала на усните, очите му беа полни со светлост, тој беше далеку, патуваше.

— Не прави се важен, — му довикна оној глас, — нема кој не паднал.

Кејтеновиот син ја нишна главата кон земјата, а штом тоа ќе го правеше, тогаш беше попусто да го разубедува човек. Не може да падне во правта гледајќи ме мене во неа. — Биди човек, Кејтенов сине, — го молев, — издржи, не паѓај! Тој повторно ја испушти онаа насмевка од очите, ме прегрна со две намигнувања.

— Ти се смееш, — вчудовиден му рече Аритон Јаковлески, — ти се смееш, ѓаволе!

Но сега Кејтеновиот син ништо не одговори. И не падна, се колнам не падна. Се наведна дури подоцна за да ме дигне од земјата.

— Стани малечок, — рече, — стани силен Леме, пристигнавме! (Проклет да бидам, пристигнавме, с`е уште ми беше темница в очи, како давеник се држев за Кејтеновиот син.) Оставив да ме носи.