Выбрать главу

Живко Чинго

Големата Вода

На мајка ми Верга

Кога веќе решив да ви раскажувам за Исак, Кејтеновиот син, би имал толку убави, нежни и незаборавни спомени, толку чисти и светли мигови кои не верувам дека некогаш можеда се заборават. Јас сум толку горд кога си спомнувам за Кејтеновиот син, горд како самиот Исус Христос. Но јас сакам да ви ги изнесам само оние часови во домот, само оние проклети часови поминати во домот, господе, та ние и немавме други часови, чесен другарски збор, само оние часови додека дојдовме до Сентерлевиот рид. Тоа беше некој непознат рид, Сентерлевиот. Говореа дека е тоа оној рид откаде што се раѓа сонцето, невозможно, ридот откаде што се раѓа сонцето. Познава ли некој друг такво слично место, таков еден рид откаде што се раѓа сонцето? Не верувам, се чини, Сентерлевиот беше единствен таков рид. Веројатно, тука имаше и нешто неречено, но тоа за вистината не го знаеше дури и татенцето, нашиот управител другарот Аритон Јаковлески. Како што беше-беше, по време едно со сигурност дознавме, — патот до Сентерлевиот рид беше страшно стрмен, како во пеколот. А ние само што требаше да појдеме по него, — проклет да бидам, — и сега не знам откаде толку сила, волја, храброст за еден таков ужасен, тежок пат. Во почетокот ќе спомнам само толку, илјадапати, милионпати, неброено била поголема, посилна страста за убавиот живот и слободата. Проклет да бидам ако тоа не н`е држеше да одиме, да не се плашиме од страшните казни. О, вечни, о слатки соништа. Проклет да бидам, тоа беше гласот на Големата вода.

Другарот од стројот, сонот за Големата вода

Ми го одредија за другар во стројот. Проклет да бидам, другар од стројот. Ме задолжија со него, ми го натоварија на врат. Секој примерен беше задолжен со по еден таков лош другар во стројот. Реков примерен, проклет да бидам, поради тој збор за малку да го замразам целиот свет. Примерен другар, примерен пионер, примерен скоевец, примерен градител. Примерен, што уште не, проклет да бидам, примерен серко. Но таков беше редот, се колнам.

Беше пролетта 1946 година, првата пролет по војната. Оттогаш сигурно поминале илјада години. Си спомнувам само толку, фати лошо време, снег. Фуртуна. Голема снежна бура се спушти над земјата и сите дрвја што беа цутени ги претвори во мраз, во бело. И с`е одеднаш молкна, се изгубија прекрасните и безбројни звуци на штотуку почнатата пролет, ништо, ништо не остана од таа убава, силна светлост. Мраз. За тоа со сигурност се сеќавам, зашто имав кратки, пролетни панталонки сошиени од шарено италијанско ќебе. Снегот беше висок, до појас. С`е, с`е тој имаше згмечено, покриено.

Ние бевме една тажна толпа гладни и нечисти деца, бездомни. Лоши, црни малечки гадови, како што н`е викаа добрите воспитувачи. Уловени по полињата, по градините, по шумите, по плевните, по карпите, по големиот снег. Проклет да бидам, ние не се даваме. Сигурно не знаевме дека ќе н`е носат во дом, под покрив, во кревет, дека ќе ни дадат топло кафе со џем и парче леб, дека тоа го прават за наше добро, за да н`е згрижат и сите тие смрдливи работи што до ситница се предвидени со домскиот ред. Со закон, проклет да бидам. Добро тоа, но ние пак не се даваме, ви велам, целата таа пролет како ѕвериња, н`е ловеа одреди добротвори од црвениот крст, одреди воспитувачи и секакви ловци.

Морам да признаам, јас бргу се премислив, по седум дена. Проклет да бидам, самиот им се предадов. Добро, реков, не сакав премногу да ги жалостам срцата на мојот добар вујко Илко Костадиноски и на мојата златна вујна Кола Костадиноска. Добро, реков, да излезам од празниот амбар, доста другарував со глувците. Сепак вујко ми Иле, добриот вујко Иле, кога тргнав, на разделба, кога му подадов рака за да се поздравиме, се колнам, ја остави вилата, го вадеше гнојот од шталата, си ги позабриша рацете од колената и пазувите, ме прегрна толку силно што чинев сите коски ќе ми испукаат. Рече:

— Леме, сине! Леме внученце, не ти велам збогум, не бил јас Иле Костадиноски ако не те вратам од тоа проклето место, — тоа го рече со таков глас што можеа да го чујат дури и тие што беа крај реката, како да сакаше тоа сите да го чујат. Тогаш однекаде задишена пристигна и вујна ми Кола заедно со братучетки ми, Стојна и Мара, моите мили братучетки. Но вујче си остана маж, тојчас на ништо не се обѕрна, с`е така силно ме држеше во себе (сигурно не го чувствуваше мојот бол), с`е посилно ме земаше во себе незапирливо викајќи: — Сакам да ми веруваш, Леме, внученце! Жими ова златно сонце, Леме, ќе те спасам. (Господе, сивото, снежно небо, весело се отвора над нашите глави, се јавува зрак и таа мала светлина, победоносна, ни покажува дека е тоа пролетно време. Проклет да бидам, пролет.) Верувај ми, Леме вујчино, ќе те спасам! (На тоа вујна што ги начули ушите! Како нејзините окоравени очи да рекоа: — што, што!?) — Ништо, Леме, рече тивко вујко ми, во очите му светна солза, се колнам, — само нека поминат овие пусти, гладни години, рече. Гледаш и сам Леме, рече сосема тивко, гледаш како мачно се живее, никому не му е добро, синко. Што да се прави, мило, мораш да појдеш во таа зандана.

Проклет да бидам, така рече — зандана. Сигурно јас уште не можев да знам што значи тој збор, воопшто бев многу прост и неук. На своите дванаесет години се потпишував со ЕМ, бидејќи никако не сакав да ја запомнам буквата Л, зашто таа на нешто многу лошо ме потсеќаше. Имав завршено само едно одделение и чинам немаше некоја поголема наука во мене. Тоа време, признавам, сосема малку зборови знаев, и тоа с`е некои лоши зборчиња што никако не можам да ви ги соопштам, бидејќи сега им го знам нивното подлабоко значење. Само да си спомнам за својот тогашен речник, проклет да бидам, јас веднаш почнувам да се потам, душава ми црвени од срамои. Се колнам, точно во тој тажен и многу жалосен час, во мигот на разделбата на топлото буниште видов како еден млад, бесен петел со премногу впипрен китик ѕверски налета на едно кротко коковче што ситно со ножињата си чепкаше по гнојчето и, ни пет ни шест, бесрамно го пови под себе, ама, за едно секунде, само окото што ми трепна, проклет да бидам, тоа не рече ни грк! Што убава работа, помислив, тие се клецкаат, ама тоа не беше мој збор, се колнам. Таа ука ја имав добиено од дедо ми Костадиноски, лесна му земја, всушност — тој така би рекол кога би бил жив, кога пак би лежел тука, под стреа, греејќи се на пролетното сонце, исфрлајќи тежок мраз од градите. Проклет да бидам, во таков час дедо ми целиот се растопуваше, стануваше сина, болскотна капка. Охо-хо, ќе речеше мавтајќи со рацете, чиниш ќе излета во небото, охо-хо, се клецкаат, Леме! На дедо ми Костадиноски му бев љубимец и тој во с`е ме подучуваше. Знам и зошто мачките по цел ден и цела ноќ мјаукаат зимно време. Знам и за кучињата и за кравите, знам зошто вујна понекогаш ме мазни по глава, ми дава лепче со сиренце само за да излезам надвор од куќи; знам и колку го налутува тоа мое влечкање по скали добриот вујко, него место не го земаше чекајќи да излезам од куќи. — Отрув ти се сторило, оди, оди! — избезумуваше вујната во таков час. Се колнам, знам полно такви работи, што сега ги изоставам, зашто морам веднаш, веднаш да тргнам, видов солзи во вујнините очи. Тоа веќе сосема ме истера. Проклет да бидам, ако тоа потраеше уште еден миг — чинев ќе умрам, ќе ми препукне срцето.

— Леме, збогум, со здравје оди си, ама немој вака-така да си говорел некаде, оти лебот ќе те фати, Леме, зашто како мое дете сум те имала, тоа да го знаеш! Сум те чувала како гулаб, да знаеш!

— Ох, — реков сочувствувајќи, — ох, добро вујне, — сакав уште некој збор да речам, но таа уште посилно заплака и јас конечно морав, морав да појдам. Проклет да бидам, а толку сакав тој час да се продолжи, да погледам во слаткото буниште. Најмногу ме разжалостија кротките кокошки, ужас ме фати кога помислив, боже, се делиме, се сврши. Мислев никаде на друго место во светот нема кокошки, уште такви мили и толку добродушни. Но од моја страна ќе беше сосема нечувствително веќе секое задржување, не сакав премногу да ги жалостам срцата на милите роднини. Проклет да бидам, таков сум по природа не сакам да останам ни минутче каде што не ми е местото. А и тие солзи во вујнините очи; повеќе сакам смеа. Проклет да бидам, некогаш каков голем смејач бев, си замислував дека ми нема рамен, ќоравам с`е околу себе! А јас најчесто бев сам, без никого во животот. Понекогаш кога ќе си спомнев за тоа, што слатко, што безумно сум се смеел сам со себе како некоја сирота будалетинка. Проклет да бидам, ми доаѓаше некоја луда смеа, никако не можев да запрам. Си спомнувам, и тој така се смееше, мојот другар Кејтеновиот син, ќе видите, лудо се смееше. Некои од домот, а особено оние од управата што мислеа знаат с`е, говореа дека е малку удрен, дека и самиот не знае зошто се смее. Проклет да бидам, тој знаеше зошто се смее. На сите одред им ја пушти водата, такви гомнари веќе преку глава ни беа, ама тоа беше смеа. Тоа со дрвото само тој можеше да го смисли, проклет да бидам. Охо-хо, како сите се клецнаа, дури и татенцето другарот Аритон Јаковлески. Што раскажував, за разделбата, добро, тие солзи ме удавија. Знаев оти се лажни, знаев оти се нечисти, проклет да бидам, зошто плаче кога по првиот чекор жив ќе го изеде вујко ми за оние зборови кога ми рече дека ќе ме врати. Се колнам, видов како душмански го погледна во тој миг, да можеше со вилата ќе го избодеше. Проклет да бидам, сите тие седум дена, додека бев скриен в амбар, таа каде не го испрати кутриот вујко за да ме пронајде. Се колнам, под камен и дрво ме бараа. О, боже! Сега збогум, можеби некогаш ќе се вратам за да го спасам вујко ми, — оди, оди Леме, оди мило, како да ми велеше неговиот тажен, несреќен поглед. А, всушност, никако не можев да се одделам од топлото, маѓепсно буниште. Проклет да бидам, тоа најмногу ми го матеше умот, с`е си мислев тука нешто големо, нешто неочекувано, некоја слатка тајна се крие. Сепак ќе морам да се вратам еден ден, си мислев, се заколнав во душата.