Выбрать главу

Јас речиси секогаш бев сам откога н`е разделија со Кејтеновиот син. Чинам и тој се чувствуваше многу осамено. За сето време не посакував да бидам ниту птица, ниту титан, ниту пеперутка (иако летот од пеперутката од с`е најмногу го сакам во животот), — сонував за сосема невозможни работи. Сонував за еден малечок, проклет да бидам, колку едно око малечок отвор на ѕидот од каде што ќе можам да ја гледам водата, да го слушам нејзиниот добар глас. Толку многу верував во силата на Големата вода, верував еден ден таа ќе дојде, ќе го удри ѕидот, ќе го однесе, ќе му рече: — Доста, доста си ги држел затворени! — Така ќе му рече и потоа ќе го збрише, ќе го земе во нејзините добри, светли прегратки. Проклет да бидам, с`е ќе стане вода. Немаше ден по неколку пати да не го изодам ѕидот околунаоколу барајќи го тој процеп, простор, тој поглед кон Големата вода. За сите тие векови поминати во домот јас не сакав за ништо друго да мислам, ништо друго не ми требаше, — сите задачи ги исполнував без љубов, без вистински интерес. А потоа пак, само таа мисла, којзнае по кој пат како прекршен се влечев крај ѕидот. Го барав тоа малечко отворче на ѕидот, иако знаев дека тоа беше бетон, цврсто граден ѕид точно за вакви прилики. Кога мислев дека е сето тоа само привидување, болест, сон, Кејтеновиот син ме зеде за рака и молчејќи ме поведе кон таванскиот дел на зградата. Иако бевме одделени, тој го видел мојот сон, знаеше каде лета моето срце, што бара тоа низ ѕидот. Проклет да бидам, видел.

— Не треси се, — шепна, — ако се плашиш, ќе н`е откријат! Стегни ги забите, не туку ѕвекоти.

— Не се плашам, — реков, — студено е, замрзнувам.

— Е, Леме, — рече. — Е, другар, — рече Кејтеновиот син со такво чудење што не можеше да ја запре смеата што му надојде тојчас. Така смеејќи се, виткајќи се од смеа, заборави на казните, со двете раце сопирајќи си ја смеата рече: — Е, Леме, проклет да бидам, не се родил поголем шегаџија од тебе во целиот свет! Знаеш ли во кое годишно време сме влегле, кутро момче, знаеш ли дека е вистинско лето, август, најубавиот месец во годината? — рече и уште повеќе тргна да се смее, како некоја планинска чешма силно, незапирливо.

— Престани, — го молев обвинувајќи се себеси за стравот што ме гризеше.

— Не можам, — рече смеејќи се, — ти си страшен Леме, и да сакам — сега не можам, другар. Морам добро да се изнасмеам, инаку ќе умрам. Охо, такво нешто одамна не сум чул, — и повторно прсна во силна смеа. — Студи, рече, а!? Охо, Леме, ѓаволе еден!

— Знаеш ли каде сме, — го потсетив, — знаеш ли што н`е чека ако не фатат?

Тој немоќно мавна со рака, мораше да се смее. Сиот се смееше како ѓавол. И со лице и со очи, со с`е се смееше Кејтеновиот син. Попусто беше да го молам, тој докрај ќе се смее, цел еден век ќе се смее. Се колнам, додека и последната капка не му истече од срцето. Проклет да бидам, тој од с`е срце се смееше. Веќе добро го запознав Кејтеновиот син, не, ништо не значеше казната. Со никаква наредба не можеа срцата да ни ги разделат, очите да ни ги заградат да не се намигаат, мислите да не разговараат, срцето да не го слуша гласот на Големата вода. Таа далечина нас уште повеќе н`е сврза. Проклет да бидам, таа далечина. Јас с`е негово познавав како свое, каде да беше меѓу децата, очите веднаш ќе го откриеја него прв. Неговата смеа ја имав во мене, еднаш дури скапо ја платив. Беше за време на ручек и некој ѓаволски се пошегува со тоа како татенцето го шмукаше расолот. Имаше обичај за ручек да испие цела една порција расол. Тоа го правеше со такво мајсторство што човек мораше да се превиткува. Мустаќот на триста метри му мирисаше на расол, му пожолте како стара туршија. Смеата се пренесе прескоканица од дете на дете.

— Што се смеете, — однекаде Кејтеновиот син се довлечкал под мојата маса, — речи, кажи ми, жити мајка, малечок Леме!

Лошо ме заколна. Заборавајќи дека е тој незадржлив смејач, му реков:

— Смук, смок, погледни го татенцето!

Кој можеше потоа Кејтеновиот син да го запре да не се смее, о боже! Аритон Јаковлески ги ококорави очите кога не виде заедно. Рече:

— Пиленцава слатки, гледај што гледам, — не веруваше, се исчудуваше, — гледај, гледај, — промрморе, — слетале гулапчињата мои, уште се шегуваше татенцето, страшен беше Аритон Јаковлески, роден за шега. — Од каде вие заедно, — наеднаш, пресече, — од каде толкав оптимизам, — мислеше на Кејтеновата смеа, — добро си мислеше Аритон Јаковлески.

Јас за с`е подробно, подобро признав, зашто знаев Кејтеновиот син и да го убијат не би рекол збор, не би предал. Го оставив ручекот и без збор тргнав кај другарката Оливера Срезоска. Извршувањето на казните сега беше поделено, — полесните случаи старчето му ги препушташе на помошник-управителот, другарката Оливера Срезоска. Таа пак, ах, ќе морам еднаш со неа поподробно да ве запознаам, — таа имаше свој метод на казнување, совршено подруг од оној на татенцето, но по суровост беа мошне блиски. Другарката Оливера не си ги валкаше рацете, таа со каиш по грб, а над сето тоа правеше и една многу грда женска работа, удри и штипни, в срце да те изгори. Проклет да бидам, в срце да те изгори. Ако плачеше, се исчудува зошто без причина се лигавиш. Не ти излегло ниту крв, ниту око, а се дереш, чекај тогаш уште малку, барем да има причина за солзите. На тој начин казната се вдвојуваше, паметна беше другарката Оливера Срезоска. Ваквата казна, се разбира, беше во нешто и потешка, во подлоста со која се извршуваше. Оливера Срезоска сето тоа до ситница го имаше обмислено. Та многупати децата зажалуваа што не направиле некој потежок престап, барем психолошки ќе беа мирни во рацете на татенцето. Вака не само што ќе го јадеш истиот ќотек, туку и душата ќе ти се истопи премислувајќи што и како ќе постапи во моментот со тебе помошник-управителот, другарката Оливера Срезоска. Нејзината душа гореше за власт, таа секој ден стануваше с`е посуров човек, се изродуваше во тиранин. На таквите луѓе ни на ум не им паѓа колку се ништожни, штетни, напротив, живеат со надеж дека тие се оние заради кои с`е уште грее сонцето. Меѓутоа, имаше и светли мигови во срцето на другарката Оливера Срезоска. Во слободното време составуваше песни за деца. Проклет да бидам, песни.

— Те молам престани, — му реков на Кејтен, — пред некој ден во управата видов нов каиш.