Выбрать главу

— Маската падна, — рече татенцето со победоносен тон како да го чекал само овој миг, — маската падна, — повтори, — камуфлажата не трае долго, како пудрата што кај нечесната жена се брише (уште спореди татенцето), — како пудрата што не може да го прикрие лицето на нечесната жена, — додаде некако деликатно, искусно. — Секој оној што посегнал кон нечесно дело далеку не ќе втаса, рече потоа строго, сурово, познато. — Запомни, — му рече свирнувајќи му две колку за почеток, — силата на колективот е огромна. Запомни го тоа проклето момче, му ја свирна третата.

— Што да запомнам, Аритоне Јаковлески? — праша Кејтеновиот син како воопшто да не беше тепан; тоа беше негова најголема грешка. Проклет да бидам, никогаш, не издржуваше при слични неправди. О, Боже, по толку ука, по с`е — тој пак се осмели да праша.

Аритон Јаковлевски, Оливера Срезоска, воспитувачите и учителите зинаа од чудо. Каква дрскост! Како да не поверуваа оти тој решителен, јасен глас доаѓа од ќоше, од она место каде што беше Кејтеновиот син. Управителот избезумено се сврти кон него. Праша:

— Уште ја отвораш устата, скоту, — изусти одвај задржувајќи ги милионите тони бес.

Но сега и Кејтеновиот син како да беше решен да оди докрај. Проклет да бидам, крај. Сосема мирно, но со оној решителен, јасен глас одговори:

— Сакам да запомнам, Аритоне Јаковлески, — непопустливо рече Кејтеновиот син подигнувајќи ја главата од душемето, смело, дрско загледувајќи се во очите на силниот управител.

Аритон Јаковлески малку како да позастана, како да не разбра, некако неодредено погледот му залута по салата, а потоа се закова на оној ѕид каде што висеше домскиот часовник.

Часовникот веќе одамна не работеше.

Се наоколу беше глуво, застанато. На секој предмет паднала голема неизвесност и чекање.

— Ах, така! — процеди татенцето, го грабна она дрво и нем од лутина се упати кон Кејтеновиот син.

— Кејтен, Кејтенов сине, — го довикував ли, се молев ли, ја скрив главата под клупа за да не видам, за да не верувам. — Збогум Кејтене, — прошепотев, — збогум мил пријателе, — мислев дека дошол часот на разделбата. Проклет да бидам, разделба.

Никогаш не ќе разберам што се случи со нашето татенце, никогаш додека сум жив чинев не ќе разберам каков ветар удри во неговото срце. Наместо очекуваниот гром, наместо веќе познатата постапка, тој само праша:

— Зошто си крадел, Кејтенов сине?

Првпат го нарече со неговото име, Кејтенов сине.

Кејтеновиот син исто така беше изненаден, очигледно збунет, тивко промрморе:

— Не сум крадел, — рече, — ништо не сум украл, — другар Аритоне.

— Како не си крадел, — рече строго, — еве, си крадел, — му го покажа она дрвото. Ах, кога Кејтеновиот син би можел да признае, кога навистина Кејтеновиот син би признал такво нешто, можеби старчето и би му простило. Но Кејтеновиот син не признаваше, рече:

— Никогаш не сум крадел, — одговори, — нишнувајќи ја главата нагоре, на свој начин и јас со сигурност знаев дека никогаш не крадел и нема да се обиде.

— Никогаш не си крадел, — тоа повторно го разбесни татенцето, — ти си жив арамија, ти си роден арамија, разбојник!

— Не се памети Ране некогаш нешто од некого да украл, — не без гордост рече Кејтеновиот син. Сега првпат откако бевме заедно во домот, го спомна името на својот татко Ране Кејтен. Потоа додаде: — Не се памети некој од Кејтенскиот род некогаш да крадел, Аритоне Јаковлески, гледаше право во негово лице, како чист, праведен човек.

— Ти си проблем Кејтен, — промрморе татенцето, — голем проблем, тогаш што си сакал, врашко момче, да направиш со ова дрво?

Кејтеновиот син не одговори веднаш, како фатен во стапица ја наведна главата, помолче. Се чу оти тивко, болно липа. Господе, Кејтен плачеше, одвај поземаше душа, како да не му достигаше воздух, се давеше. Тоа траеше неколку векови. Проклет да бидам, милиони векови. С`е така со глава кон душемето, како вистински крадец тихо, немоќно одговори:

— Сакав да направам мајка, — шепна Кејтеновиот син. Проклет да бидам, токму тоа: мајка.

Во училницата настана чудна тишина. Во мигот сите очи се свртија кон дрвото што беше во рацете на Аритон Јаковлески. Господе, господе боже мој! Тоа веќе не беше дрво, проклет да бидам, тоа беше мајка. Првпат и татенцето остана вкопан на место, збунет, потресен, без одговор.

— Се колнам, — не престануваше Кејтеновиот син, о боже, никогаш не бил таков, — се колнам, Аритоне Јаковлески, тоа е мајка.

Децата како под команда станаа од своите места. Сите очи жедно беа свртени кон тоа дрво.

— Мајка, — очигледно збунето рече татенцето. И луѓе мои, луѓе златни, проклет да бидам, толку нежно го доближи тоа дрво до своите очи, почнаа некако чудно, долго да го гледа. Луѓе мои, се колнам, тоа беше мајка, вистинска мајка, видовме какo рацете на татенцето попуштија, се занишаа. Луѓе мои, се колнам, рацете на татенцето беа слаби, видовме, влезе во него водата, го однесе, не вадејќи го погледот од тоа чудно изделкано дрвце на полуглас, како за себе повтори: — Мајка, — па погледна во Кејтен, во сите нас, направи нешто што никогаш не можевме да го замислиме, нешто што не ќе може да се раскаже и со најубави зборови во својата целост, вистина, но нешто што мора да постои, што го чува човека од најголемиот мраз, нешто што неискоренливо мора да живее во човекот, во секој човек, го подигна уште еднаш дрвото блиску до своите очи и, со глас што дотогаш не го имавме чуено, изусти: — Зар толку часови по снег, зар толку денови на студ, зар толку страв, — мрмореше Аритон Јаковлески. — О, ѓаволски деца, толку снег, толку студ, — сеедно повтораше татенцето, како избезумен, како однесен. Проклет да бидам, однесен.

Кејтеновиот син молчеше, сите ние молчевме. Се колнам, само нашите очи, нашите погледи исто така тивко му говореа, — да татенце, толку студ, толку снег, толку страв, ништо тоа не е кога се има мајка, не студи, татенце, не боли кога се има мајка…

— Да, да, — рече тој разбирајќи ги нашите погледи, нашите срца, и, проклет да бидам, сосема нежно, внимателно, со тресливи раце му го подаде дрвцето на Кејтеновиот син. — Држи, Кејтенов сине, — му рече со мака, со слаба, болна насмевка, што потоа брзо му згасна на жолтото мустаче, — држи, тоа е твое, Кејтене.

Проклет да бидам, никој не знаеше што се случи со татенцето. Се колнам, никој не знае што се случува со човековото срце. Тој ден сите деца од ред, сите ние остаревме за многу години, за многу векови. Кутриот човек, самиот се казни за с`е во домот. О, неразбирливо човеково срце. Проклет да бидам, ако за некого во животот повеќе сме се молеле на господа отколку за нашето татенце, за нашиот стар управител на домот, другарот Аритон Јаковлески.

Во Охрид, 1966–1971

Живко Чинго или говор што се научува

(кон стил от во прозата на Живко Чинго)

Слободан Мицковиќ

Уште со појавата на првата книга раскази, „Пасквелија“, Живко Чинго побуди интересирање во литерарните кругови, особено кај критиката: стануваше јасно дека се јавува еден автентичен раскажувач чија проза произлегува од еден изграден литерарен свет, чие раскажување потекнува од некои најдени системи. Тие два аспекта на прозата на Чинго останаа постојано актуелни. Во критиката неговиот свет беше голкуван досга различно. Тоа произлезе од потребата да се осветли таа литература низ незините содржини, низ судбините на луѓето што ги открива, низ настаните што ги изнесува. Темпоралната лоцираност на прозата на Чинго во времето на отсудните револуционерни настани кај нас, ја зголеми, исто така, потребата таа да се осветли и како слика на револуцијата, да се согледа рефлексот на револуцијата во неа. Иако, вака патем изнесени, овие преокупации на критиката беа значајни, резултатите до кои се дојде не беа докрај релевантни за разгледувањето на литературата, особено на онаа литература што ја создаде Чинго. Зависно од определбите кои не се лоцирани само во литературната свест, се доаѓаше низ одделни анализи до сознанија за прозата на Чинго кои беа извонредно силно идејно тензирани, обоени со сите реперкусии на политиколошкиот аспект. Потребата да се согледа прозата на Чинго како мерник на едно време, како видување на тие големи настани и процеси во нашиот живот поттикната е, во голема мера, и со видот на таа проза, со нејзината произлезеност од тоа време. Разгледувањата на прозага на Чинго кои се лоцираа во вториот аспект, откривајќи го потеклото на тоа раскажување, барајќи ги неговите детерминанти во начинот на раскажувањето, трагајќи по раскажувачките системи врз кои се надоврзува, во критиката кај нас се доблнжија до едно сознание што во голема мера е општо. Критиката носочи на некои значајни состојби во прозата на Чинго. Речиси како во некоја анкета повеќето од критичарите изнесоа едно сознание за видот на неговото раскажување. Ни се чини дека разгледувањего на литературата на Чинго од тој аспект може да придонесе кон нејзиното поцелосно разбирање. Речовито е сознанието до кое доаѓале критичарите говорејќи за прозата на Чинго, она сознание за нејзиното потекло, иако одделните критичари поаѓаат од различни критички становишта, со разни критичарски определби — од импресионистичка до психолошката и социолошката. Ќе ги приведеме тие сознанија од некои најзначајни текстови пишувани за прозата на Чинго.