Выбрать главу

Во финалето на последното кажување Веселин, Мена и малиот раскажувач ќе слезат кон полето исполнети со дрвени некролози и ќе почувствуваат неодложна желба да ги уништат табличките, тие морничави белези на умирањето:

„Сите овие проклети крстови ќе ги искорнеме, рече Веселин, сите до еден.

Да, реков јас сите овие крстови ќе ги снема од полето. Ќе доаѓаме секој ден с`е додека не ги уништиме, така рече Веселин, секој ден ќе доаѓаме да ги искорнеме.

И ќе ги запалиме, прошепоте Мена, сите ќе ги запалиме.

Да, рековме ние, Веселин и јас, ќе ги запалиме сите.

Потоа секој ден доаѓавме во полето и ги уривавме тие проклети штички што во приквечерно време личеа на крстови, што измамуваат како гробишта, ги рушевме и ги палевме по угарите целата пролет.“

Чинго н`е опседнува и со необичниот спој помеѓу конкретното, животниот податок, непосредната реалност и поетското, визионерското во нејзиного доградување. Живописниот, разгорениот предел на Пасквелија, таа жива, немирна постојбина на Чинговата имагинација е избраздена и страдна земја врз која се случувале мачни нешта што непрестајно ги вознемирувале луѓето што на неа се борат за опстанок и живот. Војната, окупацијата, крвниците, исчекувањето на Пролетта — Револуцијата, борбата, колективизацијата, бесмислените селски конференции, напорите на селскиот секретар Тацко Настејчин — цел еден спектар од историско социолошки премиси што го одредуваат животот и промените на нашето село во последниве дваесетина години е вткаен во лирско проѕирното ткиво на Чинговите прозни кажувања. Не бегајќи од конкретното и секојдневното, а напротив, впуштајќи се смело во искажувањето на она што бездруго треба да се рече, за да му се затре семето, за да не се повтори, Чинго ја зацртува својата социолошка линија антиапологетски, во највисока мера критично, непомирливо, бескомпромисно. Во тој поглед на првиот дел од „Нова Пасквелија“ би можеле да му се стават примедби за пренаглености во оценките, недоволно уверливи проекции на некои состојби, но и такви тие се дел од една визија на деформациите на селото што поради нејзината внатрешна логика и хомогеност мораме да ја почитуваме. Во првата книга на Живко Чинго с`е уште само загатнати овие компоненти добиваат поширок простор во последниве негови раскази. Поетската диспозиција на младиот автор се одвива напоредно со изразитата смисла за откривање на такви животни вистини за кои до Живко Чинго во нашата прозна книжевност како да немаше доволно место. Ако првата книга тоа го наслути, „Нова Пасквелија“ несомнено потврди дека со Чинго во нашата литература стапи автор кој загрижено и ангажирано го набљудува животот, бескомпромисно го одразува сето она што се одвива пред неговиот љубопитен поглед и дека таа загледаност негодува и се напрега до прснување, до иронија, до темен, мрачен хумор секогаш кога во тој живот пукаат нишките на хуманото и разумното, секогаш кога се расплинува и исчезнува правината, кога згаснува идеалот, кога зацарува глупоста и незнаењето, секогаш кога заблудите и грешките ќе ја изопачат и убијат убавината и човечноста. Поетскиот хуманизам (а тоа е чинам вистинскиот збор за она што ја покренува и усвитува прозата на Чинго) во името на кого авторот толку дискретно и толку ненаметливо прозборува за човечките судбини на својата избраздена пасквелска земја е само еден од видовите на растреперениот и честопати трауматизиран сензибилитет на модерниот човек пред сето она што таа иста современост во својот незапирен победнички настап го донесува како перспектива и ослободување но и како страв од нови опасности и беспаќа. Така сфатен, хуманизмот на авторот на двете Пасквелии звучи како несвесен одбранбен гест што уметникот го отправува кон сите стравои со кои новото време во својата бурна надојденост одново како да го загрозува неговиот идеал. Во одделните текстови на Чинго таквите одбрани нараснуваат во хиперболизиран вид и се изразуваат во извесни морбидни облици. Но нивната уметничка оправданост и тогаш не подлежи на сомневања: развитокот не е мртва, однапред зацртана линија на израснувањето. Растењето е секогаш исполнето со судири, ломови, дилеми и застранувања. Она што му се спротивставува, она што треба да биде совладеано најчесто само го потсилува неговото значење, ја искажува бурната дијалектика на превозмогнувањето што е неодлачен дел од живиот живот. Задачата на уметникот сигурно и денес не е неа да ја премолчува туку отворено и вистинито да ја кажува. Со сета предност и сиот баласт на своите млади и непрегорени години, Живко Чинго се вредува во нашата книжевност како еден од ретките (и: дали — последните?) писатели- идеалисти, ако тој збор пред с`е, го сфатиме како антитеза на инертната, бескрвна, апатична незаинтересирана и апстрактна симболика на рамнодушните. Зборувајќи за Чинго непрестано посакуваме да забележиме дека понесените загрижените и поетски раскази на Чинго се одликуваат и со едно својство што денес станува с`е поретко: тоа се покрај другото убави раскази што оставаат длабоки траги и во свеста и во срцето. Убавината кај Чинго меѓутоа ги носи пред се отисоците на човековата убавина во чие име младиот писател ги искажува со сериозна и длабока загриженост и вистинитост своите големи и нестивнати стравови.