Выбрать главу

Домскиот ред и татенцето Аритон Јаковлески

Нашиот строј, сигурно, нашиот строј беше нешто најсвето. На едната страна можеа да се видат новодојдените, а на другата постарите. Иако едни на други си личеа како родени браќа, уште на прв поглед можеа да се одделат првите од вторите. Постарите веќе имаа научено, знаеја дека во стројот треба да се гледа право во челото на татенцето, другарот Аритон Јаковлески. Точно во челото, проклет да бидам. Новодојдените с`е уште си ја дозволуваа таа слобода да се свртат лево или десно, да погледнат во малото, високо небо над домот или само така бесцелно со погледот часови да лунѕаат по шарениот ѕид. Тешко на тие што забораваа на редот, тешко на тие што не знаеја да стојат во стројот. Да можеше човек уште од првиот час да се привикне на такво нешто: едноставно требаше да се биде само малку глуп и лицемерен, тогаш сигурно полесно ќе дојдеше до подобра карактеристика и с`е што следуваше со тоа парче хартија. Хартија глава, крв. Живот. Само да ги видевте тие што имаа најдобра карактеристика! Проклет да бидам, тие кога ќе беа редари, дежурни, немаше тогаш пострашно место од домот. О, боже, како се убиваа пред управата, пред воспитувачите, како бесрамно лажеа, како подло измислуваа, поткажуваа. Тоа чинам најмногу н`е гонеше од тоа место, тоа предавство. Тоа не можеше повеќе да го гледа Кејтеновиот син, рече, јас морам да бегам. Проклет да бидам, го рече тој збор.

Тоа беше уште на првиот чекор. Првиот строј. Но, ние с`е уште бевме деца и од с`е најмногу сакавме да гледаме таму каде што ни беше забрането. Меѓутоа, човек на с`е навикнува. Проклет да бидам, човек с`е издржува. Татенцето не еднаш ќе речеше: — Кога мечка научува да игра, што останува за разумно суштество. Тоа беше сето воспитание, се колнам. Ништожност, дури и безумник би сфатил, доволно беа само неколку десни и неколку леви „мисли“ на татенцето и работата веќе беше сосема јасна. Ти светнуваше пред очи, како бел ден. Впрочем, набргу тоа се покажа и на дело. За малку време с`е што стрчеше беше скастрено, немаше никакви неуредности во стројот. Бргу-бргу редот с`е сфати. Не бевме сигурно толку чукнати, проклет да бидам, чукнати.

Од овој двор толку беше далеку Големата вода. Господе, во почетокот уште верувавме во господ, — господе, толку беше далеку животот од ова место. Насекаде наоколу беше ѕидот и тој силен, смртоносен ѕвон на камбанчето. Проклет да бидам, стројот. Како во сон доаѓаше гласот на Големата вода. Таа беше од другата страна на ѕидот, огромна, слободна. Пред нашите очи беше само ѕидот. Црн. На илјадници места подгорен, проклет да бидам, некои кутри во момент на краен очај сигурно се обиделе да го запалат. Побргу тие беа за жалење отколку за потсмев. Но по еден таков обид подолго никому не му паѓаше на памет за слични работи. Набргу децата и предметите во домот речиси во с`е беа изедначени, тешко беше да се одделат едни од други.

Тоа утро на највпечатлив начин се запознавме со управителот на домот, другарот Аритон Јаковлески. Во домот можеше да се сретне секаков свет. Имаше секакви, какви што ги дал господ. И паметни и улави, зли и благородни, од сите сорти. Домот со своите жители личеше на гнездо од кукавица. Како и секаде, така и овде се среќаваа особени и чудни природи за кои никогаш и ништо докрај со некаква сигурност не може да се претпостави. Тука и фантазијата многу-многу не помага, таквите луѓе, дали од природна тапост, дали од голема препреденост и расипништво, умеат мошне вешто да се прикриваат од својата средина. Наизглед ништо, ништо неодгатливо во животот на Аритон Јаковлески, чините, ништо, живот, прав, обичен човек, живот на секој смртник. Но за оној што веќе ја запознал природата на Аритон Јаковлески — тоа беа сложени, тешки испитувања на совеста. Тој долго време не дозволуваше никакво доближување до неговото срце, што се вели, сиот околнаоколу беше заграден со бодликава, боцкава жица. Таа душа како да беше во вечен, во страшен логор. Проклет да бидам, можете да ги наброите сите факти од неговиот беден живот, не, се колнам, тука не ќе ја најдете вистината. Таа ви се искрила како светлина во водата, попусто ќе бидат сите обиди ако посакате не повеќе, туку барем еден миг да ја имате во дланка заедно со водата. Тешко некој од длабоката вода да извадил светлост. Или пак, просто, таа се искрила во дробната песок и ајде сега одделете ја од песокчињата, соберете ја, најдете ја, пријателе. Проклет да бидам, колку неблагодарна работа, а за маката и да не прикажуваме, камче по камче да се превртува додека се најде тоа местенце каде како самиот ѓавол во некое шупличне се искрила проклетата вистина. И што од тоа, пријателе, та него веќе го нема, на неговото место зјапа црна јама гроб. Проклет да бидам, потонал некаде човекот невидено се загубил.

Јас заради вистината, проклет да бидам, заради вистината, — ќе почнам од почетокот како што е по ред, како што господ го создал нашиот убав свет. Со ред ќе раскажам с`е знајно и незнајно за Аритон Јаковлески. Да, само за еден дел од неговиот живот, за оној што јас го познавав, и тоа не го велам без причина, — претпоставувам дека тој отсекогаш не бил толку сам, толку проклето сам, каков што го запознавме во домот. Аритон Јаковлески сигурно пред тоа имал своја куќа, свои блиски, можеби и деца, синови и ќерки, можеби бил многу среќен татко, човек. Примерен, благороден татко, се колнам, би можело да се рече дека тој не беше толку штура природа, така скроена од своето раѓање. Можеби Аритон Јаковлески (господе, ако тоа беше неговото вистинско име, војната с`е менува кај човека), — можеби тој некогаш мечтаел, се надевал, можеби љубел! Зар тоа, на крајот, не го уништи, проклет да бидам, таа љубов. Скот да бидам, јас едно време и богу и пред луѓето најлудо се молев, и денеска тоа го правам, — кога му се суди на еден човек колку е тоа можно слепо да не се гледа само на еден дел од неговиот живот, за што можеби тој самиог не сноси никаква вина.

Се говореше дека бил специјално одреден во домот, со задача згрижување на децата од војната. Се говореше тоа било негово лично барање. Проклет да бидам, од љубов. Колку што можевме да дознаеме; Аритон Јаковлески до последниот час, и покрај сета мрачност и мраз во душата, сепак тој, човечецот, си умел поубав крај, дури се надеваше, имаше такви часови кога страсно веруваше во своето дело, значи — тој имаше некаква подлабока надеж. Можеби во такви часови Аритон Јаковлески веруваше дека ќе наплати за с`е изгубено во животот. Кутриот човек! А оти животот кон него не беше многу-многу наклонет, се разбира, тоа не требаше да се испитува, белезите на еден сигурно суров и несреќен живот му беа видливи како на лице драсканица од анџар. Во што можеше да има таква надеж? Што сон го мамеше, што вода плискаше во неговата цврсто зделкана машка глава? Во домот сето време му мина самотно, чинам, тој сам се делеше; освен службените должности, за него не постоеше ништо друго што би го сврзало со луѓето од домот. Иако ги поднесуваше воспитувачите, нив не ги сакаше. Единствен негов пријател и другар, се чини, беше силното и мошне верно куче Андруша. Не можеше да се рече дека по волја ги здружил животот, очевидно голема борба, големи спомени беа посреди во тоа пријателство на Аритон Јаковлески и песот. (Пес со човек лесно не се врзува). Проклет да бидам, во сето тоа имаше нешто трогателно, нежно, необјасниво. Тој човек и тоа куче, некоја проклета заедничка судбина. На пример, сите во домот знаеја дека нешто лошо ќе се случи со Аритон Јаковлески, некои можеби го знаеја токму и часот на несреќата, а можеби знаеја и некои други подробности, за местото и начинот на кои ќе си го одземе животот, но никој не наоѓаше за потребно ниту со мало прсте да помрдне. Не оти во домот, да речеш, и покрај неговиот особен, чуден, строг однос, некој сосема да не го прижалуваше, на крајот, се работеше за човечки живот, каков бил — бил човек. Проклет да бидам, беспомошно изгледаше с`е, секаков збор, секаква утеха. Таквите сигурно поспокојно, полесно ќе ги преживеат уште тие неколку преостанати мигови од животот ако никој отстрана не се замеша, ако воопшто се остават на самите себеси, на својот мир. Ќе проанализира с`е и потоа завршува, безмилосно си пресудува, умира со некакво душевно олеснување, свесен е, се казнува, рисјанска му е душата, покајничка. Мисли с`е спасил, ги измил рацете, израмнето е с`е, сега доста, збогум животу! И ако случајно нешто го натерало да се премисли, не можел веќе назад, веќе сите знаеја, сите ја чекаа таа смрт. Тажно, пријателе, тажно кога ти с`е уште си жив а некој те испишал. Проклет да бидам, потоа веќе нема живот за човека, не постои никаков начин, тој мора да умре.