Выбрать главу

Тој ден и татенцето и другарката Оливера Срезоска и Трифун Трифуноски, со еден збор — сиот дом изгледаше мошне свечено, празнично. Татенцето си го имаше наметнато војничкиот шинел, по овој повод го имаше ставено и орденчето, а Оливера Срезоска и Трифун Трифуноски беа променети во натпреварувачките блузи од крос-натпреварите. Тогаш Оливера Срезоска прв и последен пат ја видовме во блуска, слободна, откопчана. Проклет да бидам, откопчана. Другите двајца воспитувачи, другарот Колојаноски и Метеорот, служеа како оркестар. Другарот Колојаноски беше ти свирел на грнета, стар занает, а Метеорот нешто малку знаеше да трга на хармоника. Во исто време беа истакнати сите знамиња и другите работи што одат со тоа и веќе можеше да се рече дека почнал испитот. Проклет да бидам, тојчас ѕвонарот зачука на камбанчето.

Тоа беше во северната соба, во мразарницата. Испитната комисија, татенцето, како претседател на комисијата. Оливера Срезоска, како член, и Трифун Трифуноски, исто член, на најсвечен начин ги зазедоа своите места на испитната маса. Тојчас во северната соба одекна силен аплауз — ура, ура, ура! Можете да си ги претставите детските срца во тој проклет час. Кандидатот што беше повикан од комисијата излегуваше како да беше целиот посипан со студена вода. Му играа вилиците.

— Каков е вашиот талент? — прашаше татенцето.

— М-м-мојот т-т-талент е се-секаков, — одговараше кандидатог.

— Се разбира, сигурно тоа, — ќе речеше благо, навивачки другарот Трифун Трифуноски, — се гледа, пред очи е работата, ама сепак вие, мило мое, изберете една дарба, најблиска до вашата душа, таа што како пролетно поточе ви жубори во жиличките, во цветните, мали жилички, таа што како благо ветре ви вее пред вашите убави, сјајни очички, и ајдете запрете го Трифун Трифуноски, тој сосема се забораваше, се гледаше: него исто така треска го тресеше, како тој да полагаше.

— Па да, и јас така нешто мислев, — вели бездарникот, па утот бесрамно си го става црното прсте на излупеното чело (таа проклета коса), — ете, сега, никако не може да си спомни, заколете го — не може да се сети или ако си спомни тоа е нешто што воопшто не го мислел.

— Тогаш, ајде, кажи една стихотворба, — ќе го потсетеше другарката Оливера Срезоска. — Речи нешто!

— Па да, Први мај, — му светнува, но за кратко, брзо згаснува искрата, од слама е, освен тие два збора, со клешти не можете да му извадите други, како магарче се заинаетило.

— Ами знаеш да играш, — ќе прашаше татенцето, — знаеш некој танц?

— Е, тоа знам, — вели брзо, — аха, тоа многу сакам, оро!

— Да видиме тогаш, — ќе речеше татенцето и ќе му дадеше знак на Колојан Николоски.

Тогаш другарот Колојаноски ќе дувнеше во грнетата и тие несреќниците ќе почнеа кој како, како пијани, излудени, сосема избезумени, црни сенки, страшни, да се веат ваму-таму, чиниш некој лош ветар ги носи. Скокаат, врескаат, пеат, плачат, се потат и препотуваат, се дават во изобилството прав кренато од нечистото душеме. Се измешале сонцето и правта, пливаат децата во позлатената прав, црни, уморни, премалени. Потоа како покосени паѓаат на нечистото душеме, се дават во правта. О, боже! Уште беше поделикатно со кандидатките за балет, проклетство. За нив специјално свој состав имаше направено Метеорот. Проклет да бидам, балет. Туку гледате, ги исфрлиле од себе неубавите, груби капутишта, ги слекле тешките војнички кондури, која боса, која по калци, бели, домашни, која по свилени чорапи добиени на крос-контрите (како награда), — која по гаќички, која во селско шајачно фустанче, која со долги, мили раце, бели, слаби, о боже, некоја што била малечка се извила, заластарила, високо, до небото, друга се смалила, се свиткала, се подгрбавила, о господе боже!

Еден, два, три,

три, три, четири, проклет да беше немилостивиот Метеор.

Еден, два,

три, три четири, како страшни, црни пеперутки леткаа во обилната прав на северната соба. Се играше долго, лудо, ужасно. Сигурно можете да си замислите една таква ужасна, црна игра на гладни, на бессони, безмерно измачени, несреќни деца. Проклет да бидам, мислев дека ќе умрам. Се колнам, никогаш поголем страв не бев осетил во животот одошто тој ден. Долги години потоа сонував како играм, како скокам среде таа прав, во тој пекол.

Кејтен, пријателе, како игравме, како се веселевме, ура!

Пуста беше сета строгост, сите казни, сиот ред кога во главата ненадејно ќе ви се јавеше тој бран, Големата вода. Проклет да бидам, илјади мали, светли отворчиња тогаш се јавуваа на ѕидот, гледаа преку него, во водата. Земени, маѓепсани. Гледаш отворче до отворче, болска. Тоа беше најчуден, најмагичен лавиринт, обидете се, пронајдете го погледот на детето каде го пробило ѕидот. Управата секој дел вршеше ревизија, казните беа строги, отворите се цементираа на самото место. Слепци, каква полза од цементот, кога веќе час подоцна никнале уште илјада такви места. Едно време управата, за да се ослободи од овој проблем, организира општо уништување на „прозорчињата“, лично оваа акција ја раководеше Аритон Јаковлески. И никој веќе не се сомневаше дека најпосле и на овој проблем ќе му се стави точка, кога однекаде пак, по којзнае кој пат, се јави нејзиниот глас, рече:

— Ајдете, — ни довикна, — што сте замрзнале, одете! Тоа е Сентерлевиот рид.

Уште истата вечер илјада нови отвори ѕиркаа кон Големата вода.

Поглед кон езерото

Тоа беше крај на март и почеток на вистинската пролег. Но можеби тоа беше крај на пролетта, можеби пак доаѓаше летото, — проклет да бидам, — никој не знаеше во кое годишно време живееме. Суви ветрови летаа низ небото, оган. Можеби беше некое непознато годишно време. Но тоа беше оној ден кога ја нарушивме наредбата на татенцето. Среде ноќ, искористувајќи го сонот на другите, Кејтеновиот син дојде во мојот кревет.

— Леме, — ме пробуди, — малечок Леме, дојди, — ми мавна со рака и, не чекајќи на мојот одговор, бесшумно како мачка исчезна во ноќта.

Иако не знаев каде, иако ја знаев цената на таквата дрскост, станав и појдов. Без збор тргнав по Кејтеновиот син. Сиот дом беше потонат во онаа позната глувотија. Пустелиски мир што секојдневно владее над гробиштата го имаше притиснато домот. Само одвреме навреме некој некого бараше во сонот. Бладаше некое од децата. Без одговор. Домот беше мртов, одвај дишеше. Насекаде наоколу се ширеше стравот, непознат, голем страв.

Во домот секој ден стануваше с`е понеиздржливо, поневозможно. Единствено место каде што можевме да го поминеме малкуто слободно време беше дворот, вам веќе познат, и појасот околу ѕидот. Иако тој дел `и припаѓаше на општата домска површина, за нас тоа место беше дел од ѕидот. Тука во тоа парче се собираа речиси сите деца. Како исфрлени стари предмети можеа да се видат на куп децата во тој предел крај ѕидот. Тоа место, поправо, беше ловиштето на татенцето. Проклет да бидам, ловиште на дивеч; од тоа место си приготвуваше печено (како што самиот љубеше да се изразува). Овде се одвиваше најголемата трговија, се склучуваа сите договори, се донесуваа судски одлуки, некои, се разбира, правеа и план да го минираат ѕидот. Тука се случуваа сите работи што подоцна се спроведуваа во живот. Контрабандата се разви на мртво, се тргуваше со с`е што ќе се најдеше — од петлица до игла. Во последно време најбарана беше „Богородица“. Тоа беше некоја малечка сликовница, никој и никогаш не ќе може да објасни од каде и како беше створена во домот, — малечка сликовница на која беше прикажана една мошне привлечна жена во различни пози. Проклет да бидам, тоа беше секс, забите да ти заиграат. Требаше само со едно око да се види и рацете бргу-бргу да ги ставите во џебовите. Гледајќи ја таа слика, дури и ние глувчињата ги поткревавме опавчињата. Проклет да бидам, слатко беше да се гледа сексот. Некако беше примамливо, убаво да се гледа во откриените, полни гради на жената. Тоа ти беше вистински секс, чесен младински збор. Се колнам, и денес некого го тријат рацете. Што не стори татенцето да дојде до сликовницата, што не истрга од појасот, речиси сета трговија ни ја опљачка, но до сексот никако не успеваше да стигне. Умре од мака и тој и сета управа, — секој сакаше да дојде до сексот. Ама „Богородица“ ја чувавме како очите. Во тој поглед владееше длабоко единство, сексот се чуваше како нешто најважно. Колку пати татенцето ненадејно ќе дојдеше, колку пати демнеше, ама с`е попусто му беше. Кога ќе се појавеше татенцето, сите деца уште повеќе се набиваа во црното клопче и сексот беше спасен. Пропаѓаше вземи. Потоа клопчето мигум се размотуваше и секој одделно сосема сам појадуваше по некаков свој правец. Најчесто како шугави се прилепуваа на ѕидот и почнуваа да ги тријат плеќите. Проклет да бидам, ама можеше да се знае што имаше тогаш во малото главче потпрено на ѕидот. Тогаш веќе тоа не е во домот, се колнам.